Финансирање на домот

Поттикнат од едно барање на еден пријател кој има намера да земе кредит за купување на стан за живеење решив да образложам малку повеќе околу основите на финансирање на дом (стан или куќа) базирано на истражувањата, локалните услови во Македонија, но и локалните искуство. Прашање е дали и како да се исфинансира купување на дом.
Читајќи го Robert Kiyosaki за неговите предлози во време пред големата криза за купување на станови/апартмани за издавање, тогашно мислење ми беше дека тоа е добар бизнис. Секако ова е точно само во услови на ликвиден пазар (можност доброто да го продадеш во секој момент), што по кризата на финансискиот сектор во Америка базиран на пренадуените хипотекарни задолжувања веќе не е случај.Во Македонија не постојат таканаречените mortgage начини на финансирање на домови, каде банката дава кредит во вредност од проценката на имотот (кој може да биде искористен за финансирање на купување на објектот), а вие единствено сте задолжени да ја плаќате само месечната камата. Овој начин придонесе кризата во Америка да се мултиплицира и да се префрли на многу обични граѓани, кои банкротираа не успевајќи да ги подмират своите обврски,
За жал или за среќа во Македонија овие два инструмента mortgage и банкрот не постојат, но тоа не му дава олеснување на самата тема. Имено купување на сопствен дом е прашање за многу луѓе, на кое може да се одговори на различни начини.
Да почнеме од почеток. Дали навистина ви треба стан или куќа?
Ако во моментот живеете под ќирија и во наредните неколку години немате друга алтернатива, тогаш одговорот е да ви треба, веднаш и сега.
Според Кијосаки, стан/куќа се купува само ако тие носат приходи (т.е. се издаваат под кирија) па следствено на тоа, ако веќе ја плаќате киријата, зошто да не си ја плаќате сами на себе. Ова е единствен факт во прилог на купување на станот, кој по десетина години би бил ваш.
Е сега, ако не сте во горната група на луѓе, живеете со своите, но сакате поголема слобода, размислете подобро. Како плаќањето на ратата од кредитот ќе го промени вашиот стил на живот. Дали во замена за „сопствен простор“ се откажувате од многу активности и работи кои може да ги направите. Подобро е наместо рата за кредит каде половина од средствата одат за камата направете малку попаметен потег – штедете. На овој начин, со штедењето за десетина година ќе имате доволно средства да го платите својот дом од соништата. На пример со штедење на 100 Евра годишно со камата 5% ( во просек) за 10 години стигнувате до 16.000 евра, така после тоа време може да го купите домот. Ако на пример сега ги земете тие средства сега, и плаќате кредит на истиот период со минимални средства, ратата ќе ви изнесува 170 Евра, што значи купувањето стан сега или по 10 години е 70% разлика. Секако тука треба да се земе во предвид и растот на цените на недвижностите, амортизацијата итн.

Одлична алтернатива е да купите стан, да го изнајмите со што со киријате ќе ги покривате ратите, а вие да живеете „кај своите“ додека не дојдат подобри времиња. Ова ние го правиме и добро функционира, меѓутоа тука најголем проблем е 1. наоѓањето на кираџии и под 2. наоѓањето на добри кираџии.

Да сумирам:

Ако живеете под кирија, имате стабилни приходи, веднаш земете сопствен стан во рамки на можностите (ако е можно 50% од вредноста да е кредит) со пресметка ратата да ви е најмногу 150% од висината на ќиријата. Првите години живејте поскромно (како – ќе има други натписи) и барајте начин за дополнителни приходи.

Ако веќе живеете со родителите, стрпете се уште малку, или соберете средства, или пак купете стан и изнајмете го. на тој начин ќе имате повеќе примања со кои можете да ја покриете ратата за станот. Штедете, за да во некој момент целосно го исплатите кредитот и преселете се во сопствениот стан.

Ако имате потреба околу пресметката, испратете ми податоци ќе ви помогнам колку што можам.